субота, 28. јул 2012.

                                       ПОЖАРАНСКИ  СОКОЛЕЦ
Иако сум роден Пожаранец и поголемиот дел од детството го поминав таму, сепак за Соколец имав само слушано.. Поточно речено, ова место во детството го имав и видно повеќе пати но од голема далечина, секогаш кога со моите поминував по коњскиот пат кој водеше во месноста „Раковец“, каде што имавме свој имот. Јавајќи на коњ или одејќи пеш по овој пат, скоро секогаш некој од постарите ќе прокоментираше „ене таму доле во далечината, кај високата карпа е Соколец“ и толку. Повеќе не се кажуваше ниту збор ниту некој ќе прашаше поради што односно зошто се спомнува токму тоа место. 

Уште во тоа време бев длабоко убеден во себе дека постои некое предание  или кажување кое се врзува за ова место, и за кое постарите знаат многу повеќе но сето тоа го чуваат во себе и без посебен повод и причина јавно не коментираат. Барем тоа така мене ми се чинеше или до сега не сум имал можност да слушнам нешто повеќе за ова место.
Пожарански Соколец-локација
 Според историско-географските записи, месноста „Соколец” лежи во атарот на село Пожаране, околу два километри северно од ова село и 300 метри високо над Полошкото поле. Претставува осамена варовничка карпа што се издига над околниот зарамнет терен, 25—30 м висока. Падините на карпата се сосем стрмни до вертикални, од југ и запад испукани и избраздени од ерозијата. 

Во јужното подножје, на средина, стои мала пештера од која според преданието бил пробиен тунел нагоре, до врвот на карпата. Озгора се гледа широка околина многу километри на исток ,југ и северозапад. 

Врвот на карпата е зарамнет. Во доцната антика било подигнато обѕидие од камен со вар, кое што опколувало овален простор со димензии 120 х 60/50 м. Северниот ѕид на средина е вовлечен под агол навнатре и тука се евидентни три ѕидни платна, допрени едно на друго. Се работи за две големи обнови на обѕидието. На тој простор се наоѓала и портата, а најлесниот (и главен) пристап оддолу водел по падината од североисточното подножје. 

Во североисточното подножје, на рамна површина со големина до 2 ха, лежат остатоци од расфрлена истовремена населба. Оваа тврдина го контролирала патот од полето по долината на Маздрача кон преминот Враца на Шара, кој оттаму се спушта во долината на Дрим на запад. Во доцноримско време тука била повлечена граничната линија помеѓу  Македонија и Превалитана.( Превалитана била провинција на Римската империја , кoja ја покривала територијата на една од денешните Црна Гора , Србија и Албанија-превземен историски податок).

Во најстаро време се инсистирало на Соколец да биде сместен  загадочниот град Полог, меѓутоа просторот на карпата бил премногу мал за таа намена. Исто така, ниту во подножјето нема траги од некоја отворена населба од средновековието. Затоа на Соколец во тоа време престојувала само помала стража, контролирајќи го патот од Призрен преку планината „Шара“ и преминот „Враца“ кон Полошкото поле.
Поглед кон Соколец од неговата јужна страна
  
Соколец од неговата северна страна

  
Соколец од источната страна
Соколец-поглед кон Калиште
Соколец-поглед кон Пожаране
Соколец-поглед кон Полог
Поглед  кон околината од врвот на карпата
  Според кажувањата на постарите, името на ова место се врзува со еден настан. Така, кога преубавата Дева Марија поминувала по патот кој водел од Пожаране преку Катрање кон Калиште, ја здогледале Соколе и Спасен кои обземени од нејзината убавина, упорно ја следеле се до оваа карпа и кога стигнале на истата, Дева Мерија за миг изчезнала а Соколе и Спасен останале скаменети на самото место. По името на Соколе местото се нарекува Соколец, по името на Спасен се именува црквата „Свети Спас“ која била воздигната во подножјето на оваа карпа, додека по името на Дева Марија , една помала карпа која се наоѓа непосредно до Сколец се нарекува „Девич“. Истата е во цилиндрична форма и е  висока повеќе од 20 метри .

До ова место се доаѓа од две страни. Од село Пожаране води живописна пешачка патека преку која до целта се стига за околу 45 минути нормално одење, додека од село Калиште направен е пат до самото место до кое се стигнува и со возило.
За крај би сакал да ја наведам и вистинската односно конкретна причина за посетата на ова место - тоа е неговата исцелителска моќ. Копајќи по вистината дојдовме до податок дека ова место е често посетувано од  лица од сите возрасти, пол и вероисповест, барајќи спасение за повеќе работи за кои медицината нема конкретно решение. Лицата кој што го посетуваат ова место, на горниот дел од карпата престојуваат извесно време преку денот вкопани во земјените ровови направени за таа намена, додека во средината на карпата посетителите се провлекуваат низ пештерата која е со еден влез и два излеза, при тоа оставајќи на самото место делови од својата долна облека.
Патека кон пештерата
Влезот на пештерара
Помошен излез од пештерата
Фрагмент од самата пештера
 
Оставената долна облека на посетителите
Разурнати темели од црква
Дека во ваквото кажување има голема вистина, јас и мојот пријател лично се уверивме при  посетата на Соколец, за кое нешто сочинивме и фотозапис. Повеќето извори на информации кои ги консултиравме и со кои разговаравме укажуваа на тоа дека ова место најчесто е посетувано од лица од сите краеви на Државата, кои не можат да имаат свој пород или оформат семејство, и дека на многумина од нив им се насмевнала среќата. Го напуштивме Соколец, со длабока верба во себе дека ова место  навистина има исцелителска моќ како што се прикажува. Впрочем, не попусто се рекло -лекот е пет пари, треба само да го пронајдеш“ -.

_______________________________
           Боге Војноски-автор на текстот



Преостанати блогови за село Пожаране: